


Тројца тешко повредени во сообраќајка на автобус и комбе кај Логоварди
23 годишен битолчанец се бори за живот во битолската болница по тешките телесни повреди со кои се здобил во сообраќајна несреќа што попладнево по 16 часот се случила на регионалниот пат кај битолското село Логоварди.
Според битолската полиција, до несраќата дошло при судар на автобус и комбе, при што биле повредени тројца патници во комбето. Дознаваме дека меѓу нив најверојатно е и таткото на тешко повреденото момче.
Судирот се случил меѓу битолски автобус со комбе сопственост на фармацевтска компанија. Според првичните податоци, едното од возилата му го пресекло патот на другото, а по сударот двете излетале од патот. Трите повредени лица биле пренесени во битолската болница. Во автобусот пак, немало патници.
Од болницата соопштија дека момчето со тешки телесни повреди е задржано во Службата за интензивно лекување и се преземаат сите дијагностички методи за да се открие од каде доаѓа внатрешното крварење. Другото повредено лице, веројатно таткото на момчето, е задржан на неурохирургија, а третото лице било прегледано на Одделението за ортопедија каде биле констатирани полесни повреди, по што било испратено на домашно лекување.
(Ж.З.)
Izvor:
http://www.dnevnik.com.mk